Повик за предавачи во Учиме право клуб

Младински образовен форум (МОФ) во рамки на програмата Учиме право отвора Повик за предавачи во Учиме право клубовите.

Учиме право клубовите на Младински образовен форум се насочени кон правна едукација и запознавање на младите со основите на демократијата и правниот систем, владеење на правото и остварувањето и заштитата на човековите, граѓанските и политичките права и слободи. Oваа учебна година во рамки на програмата ќе функционираат десет почетни клуба во 6 различни градови, и тоа: Битола, Куманово, Тетово, Струга, Велес и Скопје. Содржината на клубот е поделена на четири дела и тоа: Надлежностите на државните институции, човековите слободи и права, граѓанско право и казнено право.

Обврските на Предавачот се:

  •  Одржување редовни неделни предавања во клубовите;
  •  Редовна комуникација со програмскиот координатор и асистент, локалниот координатор и асистент-предавачот на клубот; Успешно и навремено планирање, спроведување и координирање на активностите на клубовите;
  • Изработка на месечен извештај за работата на клубот;
  • Реализирање на активности во склоп на програмата Учиме право, каде спаѓаат и Учиме право клубовите;
  • Задолжително присуство на координативни состаноци и
  • Задолжително присуство на Тренинг за предавачи кој ќе се одржи на 25 и 26 семптември 2021 година.

Тренингот ќе им помогне на пријавените предавачи да добијат глобална претстава за ангажманот, обврските, методологијата и начинот на реализирање на предавањата во рамки на клубовите.

Потенцијалните кандидати треба да ги исполнуваат следните услови:

  • Да се студенти на правни студии на Правен факултет, запишани најмалку во втора година од студиите, дипломирани правници или студенти на мастер студии по право;
  • Да поседуваат развиени говорни и презентациски вештини;
  • Да располагаат со способност за работа во тим и со млади луѓе во мултиетнички средини.
  • Можност да работи за време на викенди.

Заинтересираните предавачи можат своето CV (во кое меѓудругото ќе се наведат и претходните искуства релевантни за овој повик) и кратка мотивација, да ги испратат до среда, 22-ри септември 2021 година, (23:59), на адресите: info@mof.org.mk, fari_hiseni@mof.org.mk и iva_cvetanovska@mof.org.mk со назнака „Пријава за предавач во Учиме право клуб“. За прашања поврзани со повикот, можете да се обратите на погоренаведените адреси.

Клубовите се финансирани од проектот Fostering Youth Activism through Online Media на National Endowment for Democracy.

WordPress Appliance - Powered by TurnKey Linux