Правниот факултет ’Јустинијан Први’ при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје го освои второто место во светот на писмениот дел од студентскиот натпревар по меѓународно право ‘Phillip C. Jessup International Law Moot Court Competition‘

Студентската екипа од Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје во состав: Елена Јаман, Соња Анастасова, Христијан Зафировски, Виктор Кочински и Леона Кичеец, а подготвувани од проф.д-р. Сашо Георгиевски и доц.д-р. Љупчо Стојковски, направи извонреден успех на меѓународниот натпревар по меѓународно право Phillip C. Jessup освојувајќи го 2-то место во светот на писмениот дел од натпреварот во конкуренција од 574 екипи од целиот свет. Со тоа тимот од Правниот факултет беше и еден од добитниците на Hardy C. Dillard наградата за најдобри комбинирани меморандуми (Best combined memorials) на натпреварот. (линк). Дополнително, за писмениот поднесок како тужител (во категоријата „Best Applicant Memorial”) Правниот факултет го освои 3-то место во светот за оваа година.

Oсвен огромниот успех кој го постигна во писмениот дел од натпреварот, тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први” имаше и одличен настан на усниот дел од натпреварот. Натпреварувајќи се против тимовите од Lomonosov Moscow State University (Русија), University of Toronto (Канада), University of Arizona (САД), University of California-Davis (САД), University of Michigan (САД), Al Azhar University (Eгипет), Friedrich-Alexander-Universität Erlangen-Nürnberg (Германија), Harvard University (САД), Peking University (Кина) и University of Melbourne (Австралија), Правниот факултет успеа да обезбеди пласман во напредните (advanced) рунди од натпреварот и на крајот го освои 95-то место во конечното рангирање, во конкуренција на 574 екипи од целиот свет кои земаа учество на натпреварот оваа година. Со тоа, Правниот факултет се пласираше пред бројни реномирани универзитети, како на пример George Washington University (101) и Georgetown University (121) од САД, London School of Economics (115) и University College London (122) од Велика Британија,  Lomonosov Moscow State University (130) Русија, Universiteit Utrecht (116) Universiteit Leiden (207) од Холандија, University of Helsinki (128) Финска, и многу други.

Меѓународниот натпревар Philip C. Jessup е најстариот и најголемиот moot court натпревар по меѓународно право во светот. Натпреварот го организира Меѓународната студентска асоцијација за меѓународно право (ILSA – International Law Students’ Association) и истиот се одржува 62 години по ред, а на него годишно учествуваат околу 600 правни факултети од целиот свет. Натпреварот, кој секоја година во Април се одржува во Вашингтон Д.Ц, САД, претставува симулација на случај помеѓу две држави пред Меѓународниот Суд на Правдата и се одвива во две фази. Првата фаза е писмена постапка, во која тимовите подготвуваат и поднесуваат меморандуми за двете држави во спорот неколку месеци пред одржување на усната постапка. Во втората фаза, тимовите усно ги презентираат своите позиции и ги застапуваат двете држави на завршните рудни во Вашингтон (оваа година онлајн).

Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје веќе четири години по ред учествува на овој престижен меѓународен натпревар и секоја година бележи успешни настапи. Подржан од Универзитетот, уште при своето прво учество во 2018-та година ја освои наградата за “Најдобар нов тим“ на натпреварот и се пласира во првата десеттина најдобро рангирани екипи (од над 710 учесници), а во 2019-та година, исто така пласирајќи се во првата десеттина екипи од светот, го освои и второто место на пријателскиот натпревар Philip C. Jessup European – Friendlies во Лисабон. Лани, Правниот факултет при УКИМ се пласира се на 26-то место на конечната ранг листа (кое лани се вршеше само според писмените поднесоци бидејќи усните рудни се откажаа), освојувајќи ја Alona E.Evans наградата за најдобри комбинирани меморандуми на меѓународните рунди на натпреварот.

WordPress Appliance - Powered by TurnKey Linux