Можности за финансиска поддршка на студирањето

Секоја година, Министерството за образование на Република Македонија распишува конкурси за различни видови финансиска помош на студирањето. Подетални информации можат да се добијат во Министерството.
Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, почнувајќи од учебната 2017/2018 година ќе ангажира најмногу до 20 студенти на Факултетот за потребите на Стручната служба на Факултетот. Ангажирањето ќе се врши врз основа на Конкурс, а ангажираните студенти ќе бидат делумно или целосно ослободени од плаќањето на школарината за еден семестар.

Студентски правобранител

Студентскиот правобранител при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” се грижи студентите во целост да ги остваруваат правата кои им се загарантирани согласно важечките прописи. Доколку студентите сметаат дека им е оневозможено остварувањето на некое право, можете да го контактираат Студентскиот правобранител кој со директно обраќање до соодветниот факултет ќе ги добие сите информации и ќе може да им помогне во целост да ги остварат своите права.
Студентски правобранител може да го контактирате на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Архива

Архивата е почетната точка во обраќањето до Деканатот на Правниот факултет “Јустинијан Први ” во Скопје, со определени молби и барања и местото каде се доставуваат сите поднесоци. Барањето или молбата, составени во писмена форма, се поднесуваат во архивата каде што се заверуваат и се проследуваат до надлежните во Деканатот. Преку архивата, се добива и одговорот на тоа барање или молба.
Архивата е отворена за работа со студенти секој работен ден од 11 до 14 часот.

Студентски прашања

Студентски прашања е служба на Факултетот која се грижат за сите административни прашања поврзани со студирањето. Надлежни се за упис и заверка на семестрите, по исполнувањето на соодветните услови, за закажување, примање пријави и техничко организирање на испитите, за водење индивидуални досиеја за студентите, издавање потребни потврди и уверенија за статусот и за успехот на студиите и слично.
Службата за студентите обезбедува информации кои се однесуваат на административно – техничките прашања на студиите. За секоја година во различните студиски програми, има службеник кој одговара за годината, им стои на располагање на студентите и им ги обезбедува потребните информации.
Службата за студентски прашања е отворена за работа со студенти секој работен ден од 11 до 14 часот.

Продекан за настава

Продеканот за настава е одговорен за соодветно спроведување на наставниот процес на Правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје. Во негова надлежност се прашањата поврзани со организирање на теоретската и практичната настава и за нејзино спроведување согласно со усвоените студиски и предметни програми, доследна примена на режимот на студирање и на правилата за оценување, како и за прашањата за остварување на правата и обврските на студените. Продекан за настава е проф. д-р Неда Здравева.

Во работата на Факултетот се вклучени продекан за наука и меѓународна соработка и продекан за финансии. Продекан за наука и меѓународна соработка е доц. д-р Ирена Рајчиновска Пандева, а продекан за финансии е проф. д-р Александар Стојков.

Студентите, доколку имаат потреба, може да остварат директен контакт со продеканите во приемното време на Деканатот.