Студиските и предметните програми кои ги нуди Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се инспирирани од определбата да се овозможи современо студирање според барањата на Болоњскиот процес во рамките на Европската унија, меѓу другото, и преку воведување на т.н. европски кредит трансфер систем (ЕKТС).
Усвоениот Болоњски модел на организирање на студиите, со целосен премин кон ЕКТС, овозможува мобилност на студентите на европските универзитети, но и нивна зголемена конкурентност на пазарот на трудот, која произлегува од повеќестепеноста на студиите, изборноста при нивното стручно профилирање и осовременувањето на предметните содржини
ЕKТС е воведен во 1989 година за да овозможи признавање на периоди на студирање во странство и да придонесе кон зголемување на квалитетот и степенот на мобилност на студентите во Европа.
Мобилноста на студентите се остварува на три нивоа – интерно (факултетско), универзитетско и меѓународно ниво. На ниво на Факултетот, студентот запишан на една од студските програми може во текот на студирањето да се префрли на друга програма, при што предметните програми кои се совладани на претходната студиска програма се признаваат и на другата студиска програма, доколку ги има и во неа. Истиот принцип се применува и на ниво на Универзитетот. Доколку еден студент сака да се префрли од еден на друг факултет во рамките на Универзитетот, совладаните предметни програми, ако се наоѓаат во студиската програма на новиот факултет, се признаваат како успешно совладани. Преминувањето од еден на друг факултет е возможно и вон границите на Република Македонија. Предметните програми кои се совладани на факултет во странство, доколку се составен дел и од студиската програма на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, ќе бидат признаени со соодвентиот број кредити. Ова е прецизно уредено во билатералните спогодби што Факултетот ги има потпишано со факултети и универзитети во земјата и во странство за меѓусебно признавање на трансферот на кредити.
Студирањето според Болоњскиот модел овозможува зголемена конкурентност на студентите на пазарот на трудот. Тоа е резултат на повеќестепеноста на студиите, можноста студентите да избираат при стручното профилирање, како и на осовременувањето на предметните содржини.
ОСНОВНИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ЕКТС
- ЕKТС се темели на принципот дека 60 кредити значат работно оптоварување на редовен студент во текот на една учебна година. Во повеќето земји од Европа, во најголем број случаи, работната оптовареност на студентите изнесува 1500-1800 часови годишно и во тие случаи еден кредит означува 25-30 работни часови.
- ЕKТС – кредитите означуваат успешно завршување на потребната работа и соодветно оценување на потребните резултати. Резултатите од учењето се низа вештини кои укажуваат што студентот ќе знае, ќе разбира и ќе биде способен да направи по завршувањето на процесот на учење.
- Студентската ангажираност (оптовареност) на ЕKТС се состои од времето потребно да се завршат сите планирани активности, како: посета на предавања, семинари, независно и приватно студирање, подготовка на проекти, испити и слично.
- Кредитите се доделуваат на сите образовни компоненти на студиската програма (модули, курсеви, семинарски работи и слично) кои го одразуваат квантитетот на работата што секоја од компонентите го бара за да се постигнат резултати во учењето во однос на вкупниот квантитет на работа потребен за успешно завршување на студиската програма.
CO EKTC CE ОСТВАРУВА:
- Зголемена индивидуализација во текот на студирањето, како и објективност во оценувањето на студентите;
- Воспоставување на национална и меѓународна мобилност на студентите и постигнување на компатибилност на наставните програми на интернационално ниво;
- Создавање на основа за остварување на концептот на доживотно учење.
ШТО Е КРЕДИТ?
Еден КРЕДИТ одговара на 25 часа вкупна работа на студентот во еден семестар. Според проценките на експертите за високото образование за да се совлада материјата опфатена со 1 час предавања, во просек, потребни се 2,5 часа учење од страна на студентот.
Според тоа, работната ангажираност на студентот за освојување на 1 кредит соодветствува на 7 часовно присуство на предавањата, кои опфаќаат наставна материја за чие совладување се потребни дополнителни 18 часа учење (7 часа предавања х 2,5 часа учење е приближно 18 часа), или вкупно 25 часа работна ангажираност на студентот.
Колку за илустрација, ако некоја предметна програма носи 7 КРЕДИТИ, тоа значи дека за да се пријави студентот за полагање на испитните делови или завршно оценување, од него се очекува да вложи околу 175 работни часа. Ригорозноста на математиката, сепак, не може да се преточи во прецизен износ на часови за предавања, со оглед дека тие најчесто се изведуваат во блок од 4 часа. Оттаму, работниот ангажман на студентот за стекнување на 7 кредити, по договор, се распределува на:
- 48 часа предавања (износот е приближен на 7 часа предавања за еден кредит помножени со 7 кредита), и
- 130 часа учење, со што приближно се доаѓа до вкупно очекуваниот работен ангажман од 175 часа (во случајот, 178 часа).
Ако во математиката на која се темели кредитот, се внесе и податокот дека студентот со 1 час учење во просек совладува 3 страници текст, тогаш приближната пресметка на работната оптовареност за освојување различен број на кредити, би изгледала на следниот начин:
Износите треба да се сфатат само како показатели, со оглед дека различните индивидуални способности на студентите, променливото расположение за учење, поинаквата сложеност на материјата која се изучува, може да доведат до поголеми отстапувања во обете насоки. Се разбира, наместо педантно следење на сопствената работна ангажираност, студентите треба многу повеќе внимание да посветуваат на клучната цел на студиите – стекнување знаења, вештини и квалификации, кои одговараат на потребите на европскиот пазар на високо-образована работна сила.