Мисија и историјат

Преку постојаното осовременување на студиите и создавањето на

 вистинско знаење, Правниот факултет „Јустинијан Први“ повеќе од 70 години

дефинира што факултетот треба да биде.

Тука и сега.

Секогаш Први!

ЗАПОЗНАЈ ГО ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“ ВО СКОПЈЕ

Правниот факултет „Јустинијан Први“ е најстарата високообразовна установа во Република Северна Македонија од сферата на правните, политолошките и комуниколошките науки. Основан е со Уредба на Владата на НР Македонија од 3 ноември 1951 година како отсек на Правно-економскиот факултет на Универзитетот во Скопје, а од 1 јули 1956 година работи како прва, самостојна високообразовна институција од областа на правните науки. Во 2001 година Правниот факултет, по повод 50-годишнината од своето постоење, со одлука на Наставно-научниот совет беше преименуван во Правен факултет „Јустинијан Први” (Facultas Iuridica lustinianus Primus). Во 2021 година Правниот факултет ја прослави 70 годишнината од своето постоење.

Ден на Факултетот е 3 ноември, денот кога со Уредбата донесена од страна на Владата на НР Македонија беше основан Правно-економскиот факултет. На Правниот факултет традиционално се одбележува и 10 декември како меѓународен ден на правата на човекот.

Од основањето на Факултетот до денеска нa правните студии се запишани вкупно 49383 студенти, на дисперзираните правни студии во Штип запишани се вкупно 272 студенти, а на дисперзираните правни студии во Велес запишани се 307 студенти, на студиите по новинарство – 2998 студенти и на политичките студии вкупно 2720 студенти. Од учебната 2013/2014 година на ноформираните додипломски студии по политички науки на англиски јазик се запишани 53 студенти, а на програмата акредитирана 2018/19 година запишани се 29 студенти. На новоформираните студии по односи со јавност од учебната 2013/2014 година се запишани 194 студенти, а на програма акредитирана 2018/19 запишани се 134 студенти. На Правниот факултет „Јустинијан Први“ заклучно со 25 март 2024 година успешно ги завршиле последипломските студии и се стекнале со научен степен магистер на науки вкупно 619 кандидат, а сo научен степен доктор на науки се стекнале 252 кандидати.

На вториот циклус (мастер студии) од учебната 2008/09 година на правни науки се запишале вкупно  5940 студенти, на политичките студии се запишале 459, на студиите по новинарство 154 и на студиите по односи со јавност 115 студенти.  До сега успешно го завршиле вториот циклус на студии (мастер студии) вкупно 4452 студенти, од кои: 4195 студенти на правни студии, 160 студенти на политички студии, 74 студенти на студиите по новинарство и 24 студенти на студиите по односи со јавност.

На третиот циклус (докторски студии) од учебната година 2011/2012 се запишани 262 студенти.

Во наставниот процес на Факултетот се вклучени 72 наставници, 3 асистенти и 1 асистент-докторанд. За потребите на изведување на наставата на сите видови и циклуси на студии ангажирани се и наставници од други факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и истакнати стручњаци од практиката. Во наставата од вториот циклус студентите имаат можност за  посетување на практична настава надвор од факултетот во државни органи, судови, невладини организации, медиуми и други институции.

 

ПОВАЖНИ ДАТУМИ И ГОДИНИ ВО ИСТОРИЈАТА НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ„ ВО СКОПЈЕ

3 ноември 1951 година Правниот факултет е основан со Уредба за основање на Правно-економскиот факултет на Универзитетот во Скопје, на предлог на министерот - претседател на Советот за просвета, наука и култура, од страна на Владата на Народна Република Македонија.
(ОВОЈ ДЕН СЕ ПРОСЛАВУВА КАКО ДЕН НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ„ ВО СКОПЈЕ)
1 јули Осамостојување на Правниот факултет во Скопје во прва високообразовна институција од областа на правните науки
1956 година
10 декември Меѓународен ден за правата на човекот
1980/81 Сместување на Интердисциплинарните (и интерфакултетски) студии по новинарство на Правниот факултет
1993/94 година Донесување Наставен план за воведување на политички студии на Правниот факултет
9 септември 2001 Преименување во Правен факултет “Јустинијан Први” по повод педесетгодишнината од неговото основање.
Покрај ова име, ќе се користи и името на латински јазик Facultas Iusridica Iustinianus Primus – Skopje.
1 април 2005 година Усвојување нови студиски и предметни програми на трите студии на Правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје, во согласност со определбите на eвропскиот систем за пренос на кредити (ЕKТС)
Април 2008 година Правниот факултет „Јустинијан Први„ во Скопје станува член на мрежата на правни факултети Ротердам која претставува најголема мрежа на 30 водечки Правни факултети во Европа.
26 февруари 2011 година Правниот факултет „Јустинијан Први„ во Скопје станува член на ЕЛФА (ELFA) – European Law Faculties Association
25 март 2011 Основање на мрежа на Правни факултети на Југоисточна Европа South East European Law School Network (SEELS)
18 јуни 2012 година Основан е Одбор на поддржувачи (алумни) на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје
8 февруари 2013 година Усогласување и воведување наставни програми на Правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје, во согласност со чл. 99 од ЗВО
Wordpress Table Plugin