Студентската екипа од Правниот факултет „Јустинијан Први” при УКИМ во состав: Миа Георгиевска, Атанас Аврамов, Ивана Ажиевска и Елена Јаман (подготвувани од проф.др. Сашо Георгиевски и доц.др. Љупчо Стојковски) направи извонреден успех на меѓународниот натпревар по меѓународно право Phillip C. Jessup освојувајќи го 26-то место во конечното рангирање за 2020 година, во конкуренција од 134 екипи на завршните меѓународни рунди, а над 700 пријавени екипи за натпреварот вкупно. Со тоа тимот од Правниот факултет беше и еден од добитниците на Alona E. Evans наградата за најдобри меморандуми на меѓународните рунди на натпреварот. Alona E. Evans наградата се доделува на 40-те најдобро пласирани екипи на меѓународните рунди според нивните меморандуми. Инаку оваа година, заради пандемијата со корона вирусот усните рунди беа откажани, а конечното рангирањето се вршеше единствено според претходно изработените писмените меморандуми.
Пласирајќи се на 26-то место на конечната ранг листа, Правниот факултет „Јустинијан Први” заврши пред екипите од голем број престижни универзитети како што се, на пример: Case Western Reserve (34), Columbia Law School (67), St. Mary’s University (111) од САД, King’s College (49) од Велика Британија, University of Queensland (60) од Австралија, Auckland University (38) од Нов Зеланд, University of Helsinki (29) од Финска, Maastricht University (45) од Холандија, Charles University (46) од Чешка, University of Pretoria (40) од Јужна Африка, Kyoto University (46) од Јапонија и многу други.
Меѓународниот натпревар Philip C. Jessup е најстариот и најголемиот moot court натпревар по меѓународно право во светот, кој се оддржува повеќе од 60 години по ред, а на него годишно учествуваат преку 700 правни факултети од целиот свет. Натпреварот, кој секоја година во Април се оддржува во Вашингтон Д.Ц, САД, претставува симулација на случај помеѓу две држави пред Меѓународниот Суд на Правдата и се одвива во две фази, писмена и усна.