82 студенти ја завршија Програмата за изучување на холокаустот

На 26 јануари 2026 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се одржа Комеморативниот настан „УКИМ се сеќава“ со кој се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На Комеморативниот настан се обратија амбасадорката на Израел, Вивиен Ајсен, пратеничката Рашела Мизрахи, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ. На настанот и зборуваше и Ефрат Барух Алтарац, снаа на последната преживеана Еврејка од Штип.
Во рамките на настанот беа доделени и сертификатите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот на 82 студент на УКИМ, кои во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Со тоа бројот на студентите кои ја следеле оваа програма во изминатите три години се искачи на вкупно 375 студентите.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитети кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот до 2027 година.