Наградата „13 ноември“ за проф. Докмановиќ

На 13 ноември 2021 година на свечена церемонија во Националната Филхармонија беше доделено највисокото признание на Градот Скопје – Наградата „13 ноември“.

За придонесот во развојот на науката и високото образование наградата му беше доделена на Мишо Докмановиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Во обраќањето во име на добитниците, проф. д-р Докмановиќ нагласи:

„Среќен сум што вечерва гледам толку многу посветени граѓани на Скопје. Оваа награда е и ќе биде симбол на животот во нашиот главен град, симбол на нашиот непокор, на нашата победа, на нашата слобода!

Денеска водиме нови битки. Во болниците, во училиштата, на универзитетите, во театарот, во скромните услови секојдневно се бориме за подобар живот и се трудиме да бидеме врвни професионалци. Уште позначајно водиме и битки за да обезбедиме еднакви шанси на секој наш граѓани, но и да се избориме нашата татковина да не биде сама туку интегрирана со целиот цивилизиран свет.“

Наградата се доделува традиционално од 1955 година во чест на ослободувањето на Скопје.