Склучен меморандум за соработка помеѓу Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Глобалниот совет за толеранција и мир (Global Council for Tolerance and Peace)

Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје проф. д-р Сашо Георгиевски и претседателот на Глобалниот совет за толеранција и мир Н.Е. Ахмед Ал Џарван потпишаа меморандум за соработка на 21.11.2025, на Правниот факултет во Скопје.

Со меморандумот е поставена основа за заедничко организирање на меѓународни конференции за промоција на култура на мир и толеранција, поддршка на студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје и препознавање на Советот како чинител за ширење на културата на мирот и толеранцијата во светот.

Н.Е. Ахмед бин Мохамед Ал Џарван е меѓународен лидер препознаен за неговите заложби во промовирањето на толеранција, дијалог меѓу религии и мировна соработка. Тој е основач и претседател на Глобалниот совет за толеранција и мир (GCTP), организација основана со цел зајакнување на парламентарни, образовни и иницијативи на граѓанското општество кои се спротивставуваат на дискриминацијата и кои негуваат мирен соживот.

Глобалниот совет за толеранција и мир е меѓународна организација основана во 2017 година во Малта. Мисијата на Советот е промоција на вредностите на толеранцијата и негување на култура на мир ширум светот, усогласени со начелата на Обединетите нации и меѓународното право. Советот има активна соработка и членови од 100 парламенти низ светот.

 Од 2018 година остварува блиска соработка со институциите во државата. Глобалниот совет за толеранција и мир има канцеларија во Скопје предводена од проф. Д-р Зоран Илиевски, редовен професор на Правниот факултет, од каде се координираат активностите на Советот за целиот регион на Југоисточна Европа.

Во рамките на посетата на Н.Е. Ахмед Ал Џарван, на Правниот факултет се одржа и тркалезна маса меѓународниот ден на толеранцијата во кој учествуваа професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје и државници од земјата и од странство.