Континуирано правничко образование и квалификации за модерна правна професија – 26.10.2026

На Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје при Универзитетот „Св, Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа завршниот настан на проектот „Континуирано правничко образование и квалификации за модерна професија“. На настанот беа претставени клучните наоди и резултати остварени во рамките на проектот.

Целите на проектот вклучуваа поттикнување на стручна и академска дискусија за значењето на континуираното правничко образование за развојот на современата правна професија и за можните форми, модели и перспективи за неговото натомошно развивање и унапредување.

Клучните наоди од истражувањето ги изложија претставници на истражувачките тимови: проф. д-р Неда Здравева, проф. д-р Бобан Мисоски, проф. д-р Милка Ракочевиќ, асс. м-р Теа Мицевска и проф. д-р Драган Гоцевски.

Во дискусијата беа разменети искуства и ставови меѓу претставниците на академската заедница и правните професии во однос на потребата од систематско и континуирано надградување на професионалните знаења, компетенции и вештини на правниците.

Проектот „Континуирано правничко образование и квалификации за модерна правна професија“ е финансиран од Министерството за образование и наука.