Во периодот од 15 до 19 јуни 2026 година на Универзитетот во Сиена, Италија се одржа меѓународната летна школа „Contested Histories and Inclusive Narratives for National Minorities in European Cooperation“, на која учество земаа и студентите од Правниот факултет Јустинијан Први Скопје и тоа: Миа Георгиевска, Едона Асани, Борјан Давковски, Лука Кавајин, Михаил Ѓоргиоски, Никола Илиев, Делина Хајрадиновиќ и Тијана Ристоска, под менторство на проф. д-р Елена Михајлова Стратилати.
Програмата се однесуваше на прашањата за оспорени историски наративи, колективната меморија, правата на националните малцинства и можностите за градење инклузивен дијалог во европските општества.
Меѓу предавачите на летната школа беа и проф. д-р Денис Прешова од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје, кој одржа свое предавање на тема „Уставна заштита на правата на етничките заедници во Северна Македонија: Помеѓу приспособувањето и оспорувањето,“ како и проф. д-р Елена Михајлова Стратилати, која одржа свое предавање на тема: „Политиката на колективната меморија и Северна Македонија“.
Во текот на летната школа, студентите, под менторство на проф. д-р Елена Михајлова Стратилати, работеа на истражување на две теми: „Спомениците како креатори на колективната меморија: Случајот Скопје 2014“ и „Националните наративи и инклузивноста во учебниците по историја“, и имаа можност, преку анализа и тимска работа, да дадат сопствени согледувања и предлози за справувањето со овие предизвици, а исходот од спроведените истражувања, преку свои излагања, го презентираа пред останатите колеги во Сиена.
На завршниот ден од летната школа, студентите присуствуваа и на свеченото претставување на „Препораките од Сиена за спорните историски наративи и националните малцинства“ (The Siena Recommendations on Contested Histories and National Minorities)“ подготвени од Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, кои имаат за цел да понудат практични насоки за справување со различните толкувања на историјата, спречување конфликти и унапредување на меѓуетничкиот дијалог и инклузивноста во општествата.
Учеството на оваа летна школа претставува значајно меѓународно академско искуство за нашите студенти, овозможувајќи им размена на знаења и идеи, интеркултурен дијалог и соработка со студенти и професори од други европски универзитети.
Летната школа беше организирана во рамките на програмата Erasmus+ Blended Intensive Programme (BIP), во соработка меѓу Универзитетот во Сиена, и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот Унион во Белград.








