Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, на 20 февруари 2026 година со почеток во 11 часот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, организираа научно-стручна расправа по Предлог Законот за помилување.
Предлог Законот за помилување е објавен на ЕНЕР на 30 декември 2025 година, а истиот е достапен на следнава страница:
(https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=738 ).
Целта на Предлог Законот за помилување е да воспостави јасна, транспарентна и временски ограничена постапка. Една од најзначајните измени во предлог Законот е дека Претседателот може да даде помилување само за санкцијата, но не и за кривичното гонење на поименично определени лица, односно се укинува аболицијата. Мошне значајни се и решенијата со кои е детално разработена постапката за помилување. Во таа насока, предвидени се кратки рокови за секоја од институциите што се вклучени во постапката за помилување.
На расправата учествуваше претседателката на Република Северна Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, претставници од академската заедница, правосудните институции, министерството за правда, членови на комисијата за помилување, претставници од казнено-поправните установи.
Од научно-стручната расправа произлегоа заклучоци што ќе бидат доставени до Министерството за правда во насока на унапредување на текстот на Предлог Законот.





