На 24 март 2026 година, во периодот од 11:00 до 14:00 часот, се одржа вебинар на тема „Намалување и спречување на грешки кај системите со вештачка интелигенција (AI Failures Mitigation) – технички и правни аспекти“, организиран во рамките на проектот „Усогласување на македонскиот правен систем со законодавството на ЕУ за вештачка интелигенција“.
На вебинарот свои излагања имаа проф. д-р Димитар Трајанов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и адвокат Јован Најденовски од Адвокатска канцеларија Најденовски, кои од технички и правен аспект се осврнаа на прашањата поврзани со препознавањето, намалувањето и спречувањето на грешки кај системите со вештачка интелигенција.
Во текот на вебинарот беше истакната потребата од интердисциплинарен пристап во разбирањето и регулирањето на вештачката интелигенција, особено во услови кога нејзината примена станува сè поинтензивна во различни општествени сфери. Посебно внимание беше посветено на техничките ризици кај AI системите, но и на правните предизвици што ги отвора нивната употреба, вклучително и прашањата на одговорност, сигурност и правна усогласеност.
На вебинарот присуствуваа над 100 учесници, што уште еднаш ја потврди неговата актуелност и важност. Вебинарот предизвика огромен интерес кај академската и стручната јавност и отвори значајна дискусија за тоа колку нашиот правен систем, институциите и правните практичари се подготвени да одговорат на предизвиците што ги носи развојот на вештачката интелигенција.
Проектниот тим им благодари на предавачите за нивните исклучително корисни излагања, како и на сите учесници за присуството и активното учество.

