За победник беше прогласен апсолвентот на правни студии Нинослав Нанков кој учествуваше со говорот на тема “Црни Тоги” – текст со критична содржина за актуелните состојби во македонското правосудство. Второто место го освои студентот на Економскиот факултет Стефан Солев со говорот на тема “Сонце на залез, Пиреј во мраз”, додека третото место го делеа студентките на Правниот факултет Моника Пеичева со говорот на тема “Жени лидери” и Етина Ливарека со говорот на тема “Жед за знаење, љубов и мир”. Наградата за најдобра интерпретација “Бранко Ѓорчев” ја освои Моника Пеичева.
По објавениот Повик за пријавување, кој беше отворен за сите студенти на УКИМ, се пријавија 32 кандидати, од кои 19 учествуваа во полу-финалето. 10 полу-финалисти беа одбрани за учество во финале од страна на жири-комисија. Секој пријавен кандидат работеше со свој ментор, а како ментори учество земаа: Проф. Д-р Гордана Силјановска- Давковка, Проф. Д-р Владо Бучковски, Проф. Д-р Татјана Петрушевска, Проф. Д-р Александра Максимовска-Стојкова, Проф. Д-р Гоце Наумовски, Доц. Д-р Есин Кранли-Бајрам како и Асс. М-р Тимчо Муцунски. Сите финалисти исто така работеа на своите говорнички вештини заедно со актерот Дејан Лилиќ.
Покровител на XXI Ораторска вечер Иво Пухан беше Евролинк Осигурување АД Скопје, а семејството Костовски преку свои претставници учестваше во жири-комисијата на финалната вечер.