Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први”-Скопје проф.д-р Сашо Георгиевски и претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски на 11.7.2024 г. потпишаа Меморандум за соработка.
Претседателот на Уставниот суд изјави дека со меморандум почнува реализирањето на еден од врвните приоритети на претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски, којшто при преземањето на функцијата најави дека ќе се заложи за интензивирање на соработката и интеракцијата на Уставниот суд и науката.
„За мене најважно е да ја слушнеме правната мисла за важните уставно – правни теми и дилеми, кои ни се појавуваат секој ден при работата на секој предмет, на секоја седница. Идејата е да си помогнеме едни на други – правната мисла да ни помогне нас како судии за да го подигнеме и кредибилитетот и угледот на Уставниот суд, но од друга страна и ние да му помогнеме на Правниот факултет кој е најстрар најемнинентен субјект во нашата држава, да помогнеме и на неговиот кредибилитет и углед, рече претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски.
Деканот на Правниот факултет, проф.д-р Георгиевски го изрази своето задоволство од соработката најавувајќи силна и активна поддршка од фелата за суштински општествено-правни прашања, со акцент на темите од уставното судство.
„Не случајно Уставните судови во светот во своите редови имаат и претставници од Академијата и истакнати правници кои објавувале трудови и се занимавале со научна дејност. Ние веќе утврдивме агенда како ќе соработуваме што говори за желбата и подготвеноста за соработка, ” изјави деканот Георгиевски.”