Професорот Цукимура одржа предавање на Правниот факултет

Во рамките на активностите со кои се одбележува почетокот на новата учебна година, денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, предавање одржа професорот Таро Цукимура од Универзитетот „Дошиша“ во Кјото, Јапонија.

Предавањето на професорот Цукимура беше фокусирано на уставите на современа Јапонија, а студентите имаа можност да се запознаат со главните специфики на двата јапонски устави донесени во последните 140 години, но и на влијанието на Втората светска војна на државното уредување на оваа држава. Предавањето се реализира на покана на професорот по историја на правото, д-р Мишо Докмановиќ, а како дел од активностите за унапредување на меѓународната соработка и видливост на Правниот факултет.

На средбата со деканот на Факултетот, проф. д-р Сашо Георгиевски беше изразена подготвеност за интензивирање на соработката со овој јапонски универзитет, особено во контекст на размена на наставници и студенти на магистерски и докторски студии.