Продолжуваат активностоте на проектот Youth European Dialogue Bulgaria – France – Germany – North Macedonia: A Touring European Summer School во кој покрај Правниот факултет „Јустинијан Први“ партнери се и факултети за политички науки и славистика од Универзитетот Sciences Po – кампусот во Дижон, Хумболт универзитетот во Берлин и Новиот бугарски универзитет во Софија. Проектот е финансиски подржан од Franco-German Youth Office (OFAJ) и има за цел да развие конструктивен и отворен дијалог помеѓу млади луѓе кои дебатираат и разменуваат идеи околу предизвиците на процесот на европска интеграција, политиките на помирување и прекугранична соработка и дијалог.
Во периодот од 31 октомври до 3 ноември се одржа третата школа во организација на Новиот бугарски универзитетот во Софија. На школата учество земаа нашите студенти по политички науки Тамара Гарческа, Јана Андреска, Димитар Џамбазов, Дориса Земон, Анастасија Саша Тофоска и Иларија Димулкова, а беа придружувани од професорот Иван Дамјановски. Тие активно учествуваа во предавања и дискусии со истакнати професори, аналитичари и историчари на теми поврзани со процесите на помирување и разрешување на конфликти и проблемите поврзани со корупција и медиумски манипулаиции.
Од посебно значење за студентите беа посетата на Народното собрание на Република Бугарија и учеството на прес конференција и трибина во заедничка организација на амбасадорите на Германија и Франција во Софија каде имаа прилика отворено да дискутираат за перспективите на проширувањето на Европската Унија, надминувањето на билатералните спорови и политичките предизвици на Европската унија.
Последната школа се одржува оваа недела во Скопје.