Продолжуваат активностоте на проектот Youth European Dialogue Bulgaria – France – Germany – North Macedonia: A Touring European Summer School во кој покрај Правниот факултет „Јустинијан Први“ партнери се и факултети за политички науки и славистика од Универзитетот Sciences Po – кампусот во Дижон, Хумболт универзитетот во Берлин и Новиот бугарски универзитет во Софија. Проектот е финансиски подржан од Franco-German Youth Office (OFAJ) и има за цел да развие конструктивен и отворен дијалог помеѓу млади луѓе кои дебатираат и разменуваат идеи околу предизвиците на процесот на европска интеграција, политиките на помирување и прекугранична соработка и дијалог.
Во периодот од 26 до 30 мај се одржа втората летна школа во организација на Хумболт универзитетот во Берлин. На летната школа учество земаа нашите студенти по политички науки Тамара Гарческа, Јана Андреска, Димитар Џамбазов, Дориса Земон, Анастасија Саша Тофоска и Иларија Димулкова, а беа придружувани од професорот Иван Дамјановски. Тие активно учествуваа во предавања и дискусии со истакнати професори, аналитичари, новинари и историчари на теми поврзани со разрешување на конфликти, граѓанска едукација и перспективите за надминување на предизвиците за соработка помеѓу државите претставени на летната школа.
Од посебно значење за студентите беа посетите на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија и на германскиот Бундестаг, каде имаа прилика отворено да ги дискутираат перспективите на проширувањето на Европската Унија со земјите од Западниот Балкан и политичките предизвици на Европската унија и Германија со високо рангирани дипломати и пет пратеници од комисијата за европски прашања во Бундестагот.
Следниот семинар ќе се одржи во октомври во Софија.