35 ГОДИНИ ОД ДОНЕСУВАЊЕТО НА УСТАВОТ: AКАДЕМСКИ СОБИР И ПРОМОЦИЈА НА ГОДИШНИКОТ ВО ЧЕСТ НА ПРОФ. Д-Р ВЕСЕЛА МУКОСКА ЧИНГО

На 16.11.2026 година, во свечената сала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, со академскиот собир „Уставот помеѓу нормата и животот“, одбележавме три и пол децении од донесувањето на Уставот. Убав повод да се потсетиме на еден од најзначајните моменти од современата македонска историја, но и да разговараме за уставниот развој, демократските институции и предизвиците со кои се соочува нашето општество.
 
Собирот го отвори проф. д-р Рената Дескоска, со што започна академската дискусија посветена на значењето на Уставот и неговото место во развојот на современата македонска државност. Јубилејот беше и можност да се погледне пошироко на изминатите три и пол децении, на постигнувањата, но и на прашањата што остануваат отворени во градењето на демократските институции и правната држава.
 
Во научниот дел, проф. д-р Александар Спасеновски ги претстави резултатите од истражувањето за конституирањето на првиот повеќепартиски парламент во јануари 1991 година. Истражувањето претставува своевидно враќање кон „аналитичката нулта точка“ на современиот македонски политички поредок, во историски момент кога иднината на државата сè уште била отворена. Преку анализа на тогашните парламентарни расправи, истражувањето покажува како паралелно се граделе демократскиот легитимитет на новите институции и политичките основи на македонската државност.
 
Посебно значење на денешниот собир му даде промоцијата на 64. том на Годишникот на Правниот факултет, Liber Amicorum, посветен на проф. д-р Весела Мукоска-Чинго. Станува збор за издание кое обединува 17 научни трудови од 19 автори, посветени на широк круг прашања од правната и политичката наука: од уставното право, парламентаризмот и човековите права, до европските интеграции и современите предизвици на правната држава.
 
За содржината и научното значење на Годишникот говореше неговиот главен и одговорен уредник, проф. д-р Марика Ристовска, а во подготовката учествуваше и проф. д-р Марко Кртолица. Особено убав дел од настанот беше освртот на проф. д-р Јелена Трајковска-Христовска на научната, педагошката и академската работа на проф. д-р Весела Мукоска-Чинго, потсетувајќи нè на нејзиниот придонес во развојот на Факултетот и во образованието на генерации правници.
 
Годишникот е научно издание, но и израз на почит и благодарност кон професорка која оставила значаен белег во нашата академска заедница. Мило ни е што овој јубилеј го одбележавме заедно со нашите сегашни и поранешни професори, колеги, студенти и пријатели на Факултетот, поврзувајќи го сеќавањето на почетоците на современиот уставен поредок со размислувањето за неговата иднина.