Доделени 51 сертификат на програмата за изучување на холокаустот

На 28 јануари 2025 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се одржа Комеморативниот настан „УКИМ се сеќава: 80 години од ослободувањето на Аушвиц“. Настанот се организираше како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, но и во сеќавање на 7144 македонски Евреи кои беа убиени во текот на Втората светска војна. 

На Комеморативниот настан се обратија проректорката на УКИМ, проф. д-р Соња Топузовска, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Сашо Георгиевски, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ. 

Во рамките на настанот беа доделени и сертификатите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот на 51 студент на УКИМ, кои во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитети кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот.