Добредојдовте!
Ви благодариме за вашиот интерес за новите курсеви за изучување на повеќе аспекти на холокаустот кои Правниот факултет „Јустинијан Први“ ги реализира со поддршка на Claims conference New York (Конференција за еврејските материјални побарувања од Германија) во учебната 2023/24 година. На оваа ресурсна страница може да најдете повеќе информации поврзани со нашите курсеви, предавачи како и формуларот за пријавување на слушатели. Во текот на летниот семестар можете да ги следите следниве курсеви
Курсеви
- Холокаустот и меѓународната дипломатија (проф. д-р М. Докмановиќ, секој понеделник од 11 часот);
- Холокаустот и меѓународната правда (проф. д-р А. Груевска Дракулевски, секој вторник) и
- Антисемитизмот, холокаустот и човековите права (проф. д-р Е. Михајлова Стратилати, секоја среда)
Предности
- Бесплатен курс (2 часа неделно, еден семестар предавања)
- Отворен за сите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
- Иновативни предавања (користење дигитални алатки, документарни филмови, фотографии, правни акти, посета на музеј)
- Сертификат за завршен курс издаден од Claims conference New York и Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје
Предавачи
Проф. д-р Мишо ДОКМАНОВИЌ е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Тој е еден од водечките експерти за прашањето на холокаустот во земјава. Член е на Делегацијата на Република Северна Македонија во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот надлежен за академски прашања и Комитетот за холокауст, геноцид и злосторства против човештвото. Предавал во преку 50 земји, а учествувал и во образовни програми од областа на холокаустот во Јад Вашем – Ерусалим, Меморијалниот музеј на холокаустот на САД, Мемориал дела Шоа – Париз итн. Добитник е на највисоката државна награда за наука „Гоце Делчев“ за 2022 година како и наградата „13 ноември“ на Град Скопје во областа на науката за 2021 година. Проф. Докмановиќ ќе ги предава курсевите 1.
Д-р Александра ГРУЕВСКA ДРАКУЛЕВСКИ е професор по криминологија, пенологија и казнено право на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј, Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Република Северна Македонија. Студирала право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Постдипломските студии ги завршила на Универзитетот во Кембриџ, Правен факултет, Институт за криминологија во Обединетото Кралство. Докторирала на студиската програма по казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во 2010 година на тема „Влијанието на казната затвор врз рецидивизмот“. Има објавено универзитетски учебник, монографии, правни анализи и повеќе од 60 научно-истражувачки трудови од областите на нејзиниот научно-истражувачки интерес: криминологија, пенологија, виктимологија, кривично право, човекови права, меѓународно кривично право, правда за деца. Таа ќе го предава курс бр. 2.
Елена МИХАЈЛОВА СТРАТИЛАТИ е професор по меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Покрај класичните теми на меѓународното јавно право, нејзина посебна област на интерес се човековите права, граничните области на говор на омраза и дела од омраза, транзиционата правда и демократијата. Член е на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) на Советот на Европа. Таа ќе го предава курс бр. 3.
Пријавување и дополнителни информации
Пријавувањето трае до 15 февруари 2024 година и се врши преку следниов формулар. https://forms.office.com/e/yZggMAs5x7
Бројот на места за курсевите е ограничен. Предавањата започнуваат на 19 февруари 2024 година.
За сите дополнителни прашања или информации можете да се обратите кај раководителот на програмата проф. д-р Мишо Докмановиќ (m.dokmanovic@pf.ukim.edu.mk)
Постерот за програмата можете да го преземете на следниов линк.
Со помош од Конференцијата за еврејските материјални побарувања од Германија.
Поддржано од Фондацијата „Сеќавање, одговорност и иднина“ и германското Сојузно Министерство за финансии.