Со особено задоволство ја споделуваме веста за објавувањето на првиот научен труд од серијата истражувања, со наслов „Rethinking Fiscal Decentralization in Relation to Regional Informality: Evidence from a European Transition Country“, во коавторство на нашите професори д-р Александар Стојков, д-р Александра Максимовска Стојкова, д-р Елена Нешовска Ќосева и д-р Јован Зафироски.
Трудот е објавен во реномираното меѓународно научно списание Economies(Economies 2026, 14(7), 264), во издаваштво на Multidisciplinary Digital Publishing Institute (MDPI), Базел, Швајцарија. Списанието е индексирано во Web of Science и има фактор на влијание 2.3, што дополнително ја потврдува релевантноста и видливоста на објавеното истражување.
Истражувањето анализира како територијалната концентрација на неформалната економија влијае врз фискалниот капацитет на регионите и врз ефикасноста на механизмите за фискално израмнување. Наодите укажуваат дека регионите со повисоко ниво на неформална економија покажуваат поголема зависност од меѓувладини трансфери и пониско ниво на ефективна фискална автономија, отворајќи значајни прашања за дизајнот на фискалните политики и регионалниот развој.
Трудот е објавен со Open Access, што овозможува слободен пристап за сите заинтересирани:
https://doi.org/10.3390/economies14070264
Публикацијата е резултат на истражувањата спроведени во рамки на проектот „Иновативно-научни решенија за сузбивање на социјалната нееднаквост и сивата економија во Република Северна Македонија преку даночната регулатива“, финансиран од Министерството за образование и наука.
Им честитаме на нашите професори за овој значаен научен успех и им посакуваме уште многу успешни меѓународни публикации!