Тимот на Правниот факултет „Јустинијан Први” Скопје постигна огромен успех на најстариот и најголемиот moot court натпревар по меѓународно јавно право во светот – Philip C. Jessup. Во конкуренција на рекордeн број од околу 700 екипи пријавени годинава, на финалните натпревари во Вашингтон, тимот на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ја освои наградата за ’Најдобар нов тим за 2018 година’ и се пласира на 73-то место, односно, во првите десеттина проценти најдобри екипи на завршната ранг-листа, со две победи од четирите остварени натпревари со извонредно силни екипи. Со овој пласман, тимот на Правниот факултет, после оној од Универзитетот од Софија (Бугарија, кој исто така оствари две победи), беше најдобро рангиран Универзитет од регионот на Југоисточна Европа, оставајќи ги зад себе, на пример, екипите на Националниот Универзитет ’Каподистрија’ од Атина (Грција, со една победа – 86 место), Универзитетот од Загреб (Хрватска, 87 место), Универзитетот од Белград (Србија, 115 место), или, Универзитетот ’Хена е Плоте’ од Тирана (Албанија, 104 место). Уште повеќе, според пласманот, екипата на Правниот Факултет влезе во групата на најдобро рангирани европски тимови, пред оние од бројни реномирани светски и европски Универзитети, како на пример Сиенс По од Париз (Sciences Po Paris, Франција, 81 место), Универзитетот од Хелсинки (Финска, 82 место), Швајцарија (85 место), Карловиот универзитет од Прага (Чешка, 93 место), Универзитетите од Кјото и Токио (Јапонија, 74 и 110 место) и многу други светски познати универзитети.
Тимот на Правниот факултет го сочинуваа тројца студенти од мастер студиите по меѓународно право и односи и право на ЕУ – Симона Шекерова, Андреј Стојковиќ и Дарко Стојаноски, и еден студент на докторските студии по меѓународно право – м-р. Љупчо Стојковски, а беше под раководство и менторство на проф. д-р. Сашо Георгиевски.
Меѓународниот натпревар Philip C. Jessup, кој веќе 59 години по ред се оддржува во Вашингтон Д.Ц. (САД), претставува симулација на случај помеѓу две држави пред Меѓународниот Суд на Правдата.